ПРОМЕНАТА НА ПОЛИТИЧКИТЕ СИЛИ ВО САД БИ МОЖЕЛА ДА ВЛИЈАЕ ВРЗ ВОЈНАТА ВО УКРАИНА, ПРИЗНА ЗЕЛЕНСКИ

    ПРОМЕНАТА НА ПОЛИТИЧКИТЕ СИЛИ ВО САД БИ МОЖЕЛА ДА ВЛИЈАЕ ВРЗ ВОЈНАТА ВО УКРАИНА, ПРИЗНА ЗЕЛЕНСКИЗеленски е свесен дека успесите на Украина во голема мера се должат на огромната меѓународна воена поддршка (Фото: АП)

    Володимир Зеленски предупреди дека ако украинските сили не ја добијат битката за Бахмут, Русија би можела да почне да гради меѓународна поддршка за договор со кој од Украина би се барале неприфатливи компромиси.

    Ако Бахмут падне, Владимир Путин би можел да ја продаде оваа победа на западот, руското општество, Кина и Иран. Ако намириса крв, ако намириса дека сме слаби, тој ќе продолжи да притиска и притиска“, изјави Зеленски во интервјуто за агенцијата АП.

    Руските сили уште од летоска се обидуваат да го опколат и освојат Бахмут, чија стратешка важност се доведува во прашање, но досега не успеаја да ги принудат Украинците на повлекување, и покрај големите жртви.

    Зеленски е свесен дека успесите на Украина во голема мера се должат на огромната меѓународна воена поддршка, особено од САД и западна Европа. Но, некои во САД, вклучувајќи го Доналд Трамп, почнаа јавно да прашуваат дали Вашингтон би требал да продолжи да ја снабдува Украина со милијарди долари вредна воена помош. Големиот ривал на Трамп од Флорида, Рон ДеСантис, неодамна кажа дека „одбраната на Украина во територијалниот спор со Русија не е значаен приоритет за националната безбедност на САД“.

    Зеленски не ги спомна Трамп и ДеСантис, но призна дека е загрижен дека промена на политичките сили во САД би можела да влијае врз војната.

    САД сфаќаат дека ако престанат да ни помагаат, ние нема да победиме“, кажа Зеленски.

    За тоа време, Русите и натаму се обидуваат да ги освојат Бахмут и Авдивка, кои се во епицентарот на нивните напади, вели украинската војска. Британското министерство за одбрана соопшти дека руските сили остваруваат минимален напредок кај Авдивка, но притоа имаат изгубено многу тенкови и оклопни возила.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира