Грузија ја одложи својата кандидатура за членство во Европска Унија по одлуката на Европскиот парламент да не ги признае резултатите од последните парламентарни избори, на кои победи проруската партија Грузиски сон. Премиерот Иракли Кобахиѕе го обвини Брисел за уцена и кажа дека неговата влада нема да бара членство во ЕУ до крајот на 2028.
Ова уследи неколку часа откако европратениците побараа повторување на изборите во Грузија поради „значајни нерегуларности“. Одлуката на Кобахиѕе доведе до протести во градовите низ Грузија, при што илјадници луѓе се собраа пред зградата на парламентот во Тбилиси.
Грузиски сон е на власт од 2012 и критичарите ја обвинуваат партијата дека се обидува да ја оддалечи земјата од ЕУ и повеќе да ја приближи до Русија. Партијата прогласи победа на изборите минатиот месец, но опозицијата обвини за измама и го бојкотира новиот парламент, додека претседателката Саломе Зурабишвили кажа дека гласањето било неуставно.
Европскиот парламент вчера усвои резолуција, со која последните избори ги опиша како влошување на демократската криза и кажа дека владејачката партија е целосно одговорна за тоа.
Грузија има статус на кандидат за членство во ЕУ од 2023, но Брисел веќе го запре процесот во почетокот на оваа година поради проруски закон насочен против невладините организации. Кобахиѕе кажа дека Грузија ќе продолжи да ги спроведува бараните реформи и планира да се придружи на ЕУ до 2030 година.