Илјадници демонстранти се собраа во Берлин во очекување парламентот да донесе закон што ќе ѝ овозможи на владата со декрет да носи одлуки поврзани со пандемијата на коронавирусот. Радикалните противници на коронамерките ги опишаа планираните законски амандмани како недемократски.
Иако е забрането да се протестира околу парламентот и владините згради, демонстрантите во поголем број се собраа во нивна близина, додека над 2.200 полицајци ја окружија областа, употребувајќи водени топови откако присутните не го почитуваа социјалното дистанцирање и не носеа маска. Демонстрантите фрлаа пиротехника и факели, при што неколкумина беа приведени.
Предложениот закон има за цел да ги зајакне рестриктивните мерки во земјата, како затворање на бизниси, ограничување на контакти и носење маска, што го поддржува мнозинството Германци. Се очекува мерките да поминат во двата дома на парламентот, по што експресно ќе бидат потпишани од претседателот Штајнмајер.