Повеќе од милион луѓе се потпишале на петиција со која се бара поништување на одлуката за суспензија на британскиот парламент. Таканаречената пророгација вчера беше одобрена од кралицата Елизабета Втора на барање на премиерот Борис Џонсон, кој смета дека така полесно ќе го спроведе брегзит до крајниот рок на 31 октомври, макар и без постигнат договор.
Парламентот ќе биде суспендиран до 14 октомври, кога кралицата ќе го одржи својот традиционален говор, па на пратениците ќе им остане малку време да изгласаат закони со кои би се спречило излегувањето на Британија од ЕУ без договор.
Критичарите го опишаа потегот како недемократски обид да се спречат пратениците да го блокираат брегзит без договор. Демонстрантите, пак, кои синоќа мирно се собраа во улицата Даунинг, кадешто е седиштето на Џонсон, ја нарекоа одлуката „пуч“. Петицијата која беше покрената на сајтот на владата собра повеќе од милион потписи за помалку од еден ден.
Џонсон го повика парламентот да покаже единство и решителност во спроведувањето на брегзит до 31 октомври и да ѝ помогне на владата во постигнувањето на нов договор со ЕУ.
Според Би-Би-Си, ова е првпат од 1948 година да биде суспендиран британскиот парламент. Кралицата имаше можност да го одбие барањето на Џонсон, но тоа би се сметало за уште поголем преседан, бидејќи таа нема вистинска политичка моќ и право да се меша во политиката на земјата.