Антивладините протести во Иран влегоа во втората недела со најмалку 50 жртви, додека иранските власти упатуваат серија координирани предупредувања до демонстрантите. Лекари од две болници за „Би-Би-Си“ изјавија дека нивните капацитети се преоптоварени со голем број повредени граѓани.
Главниот центар за очни болести во Техеран, болницата „Фараби“, е во кризна состојба. Поради огромниот прилив на пациенти, прекинати се сите неитни операции и прегледи, а целиот персонал е повикан на работа за да се справи со итните случаи. Слична е состојбата и во градот Шираз, каде медицински лица сведочат дека немаат доволно хирурзи за да им помогнат на сите ранети. Според нивните тврдења, голем дел од повредените имаат прострелни рани во главата и очите.
Иранските власти во писмо до Советот за безбедност на ОН ги обвинија САД за поттикнување на протестите и нивно претворање во „насилни субверзивни дејствија и вандализам“. Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран е во „голема неволја“ и упати остри предупредувања до властите во Техеран. Меѓународните лидери истовремено повикуваат на заштита на правото на мирен протест.
Според податоците на меѓународните организации за човекови права, од почетокот на протестите на 28 декември досега загинале најмалку 50 демонстранти, меѓу кои и девет деца. Во судирите животот го загубиле и 15 припадници на безбедносните сили, а бројот на уапсени лица надмина 2.300.
Потврдувањето на информациите на терен е исклучително тешко бидејќи во земјата владее речиси целосно интернет затемнување од четвртокот вечерта. Дополнително, на повеќето меѓународни медиумски организации им е забрането да известуваат од внатрешноста на Иран.



