Володимир Зеленски призна дека украинската војска напредува на бојното поле побавно од очекуваното, неколку недели откако ја почна долгоочекуваната противофанзива.
„Некои луѓе мислат дека ова е холивудски филм и очекуваат резултати веднаш. Ова не е филм, во прашање се човечки животи“, кажа Зеленски.
Украина досега потврди дека се ослободени осум села во Запорожје на југот и во Доњецк на истокот. Зеленски вели дека офанзивата не оди лесно зашто Русите имаат минирано 200.000 квадратни километри од украинската територија.
Тој нагласи дека на Украина ѝ требаат безбедносни гаранции од НАТО, а крајната цел е членството во западната воена алијанса. Генералниот секретар Јенс Столтенберг кажа дека на претстојниот самит на НАТО не треба да се очекува Украина да добие покана за членство.
Зеленски повторно упати барање за добивање борбени авиони „Ф-16“, сметајќи дека обуката на пилотите би можела да почне во август, а првите авиони би можеле да пристигнат за шест-седум месеци.
„Без разлика колку далеку стигнеме со противофанзивата, нема да се согласиме со замрзнување на конфликтот, зашто ова е војна, што значи бесперспективен развој на Украина. Без разлика кој е претседател на Русија, нема да преговараме сè додека руските сили се на украинската територија“, дециден е Зеленски.