Противвоздушната одбрана на НАТО соборила ирански проектил што се движел кон Турција, објави турското министерство за одбрана. Во инцидентот немало жртви и штети.
„Ракетата беше откриена како минува низ ирачкиот и сирискиот воздушен простор и се упатува кон турскиот воздушен простор. Ги предупредуваме сите страни да се воздржат од преземање какви било чекори што би можеле да предизвикаат понатамошно ширење на конфликтот во регионот“, соопшти Турција, која е членка на НАТО.
Се додава дека проектилот бил соборен од противвоздушната одбрана стационирана во источниот Медитеран.
НАТО го осуди обидот на Иран да ја таргетира Турција.
„НАТО цврсто стои со сите сојузници, вклучително и Турција, додека Иран продолжува со своите неселективни напади низ регионот. Нашата позиција на одвраќање и одбрана останува силна во сите домени“, кажа портпаролката на НАТО, Алисон Харт.



