Грција го детектираше првиот случај на зараза со новиот сој на коронавирусот омикрон. Министерот за здравство Танос Плеврис кажа дека станува збор за грчки државјанин од островот Крит кој минатиот месец се вратил од Јужна Африка.
„Тој развил благи симптоми. Сите со кои бил во контакт се ставени во карантин. Меѓу нив засега нема позитивни случаи“, изјави шефот на грчката агенција за јавно здравје Теоклис Заутис.
Омикрон, кој првпат бил идентификуван во Јужна Африка во почетокот на минатата недела, е последниот сој кој предизвика глобална загриженост. Надвор од Африка, неговото присуство веќе е потврдено во десетина европски држави, како и во САД, Канада, Австралија, Јапонија и Јужна Кореја.