Илјадници луѓе излегоа на улиците на Буенос Аирес откако претседателот Хавиер Милеј објави низа нови мерки за извлекување на Аргентина од големата економска криза. Тој потпиша указ за економски реформи, што ќе стави крај на ограничувањата на извозот.
Милеј, кој ја презеде функцијата пред помалку од две недели, вети остри мерки против сите групи кои ќе се обидат да ги попречат неговите планови со немири и блокади. Владата кажа дека луѓето кои блокирале улици би можеле да го изгубат правото на државни бенефиции.
„Ова е мирна мобилизација. Не сакаме никакви конфликти и судири“, изјави Едуардо Белибони, кој ја предводи левичарската група „Поло обреро“, која прва организираше демонстрации.
Во обраќањето преку електронските медиуми, Милеј изнесе детали за околу 300 мерки, за кои кажа дека се првиот чекор кон реконструкцијата на земјата. Тие вклучуваат приватизација на државни компании и дерегулација на рударството и други индустрии. Тој исто така најави дека ќе се укине законот со кој се регулира закупнината на имотот.
Ова следува откако минатата недела владата ја намали вредноста на националната валута пезос за повеќе од 50% во однос на доларот, а беше најавено и големо кратење на јавното трошење, како намалување на субвенциите за гориво и транспорт.