ПУТИН Е НА ПРАГОТ НА НОВ ШЕСТГОДИШЕН МАНДАТ ПО ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ БЕЗ ВИСТИНСКА АЛТЕРНАТИВА

    ПУТИН Е НА ПРАГОТ НА НОВ ШЕСТГОДИШЕН МАНДАТ ПО ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ БЕЗ ВИСТИНСКА АЛТЕРНАТИВА71-годишниот Путин има тројца противници на гласачкото ливче, но сите тројца доаѓаат од партии кои што се пријателски настроени кон Кремљ и воопшто не го критикуваат неговото 24-годишно владеење. (Фото: Кремљ)

    Рускиот претседател Владимир Путин е на прагот да го продолжи своето речиси 25-годишно владеење за уште шест години, откако денеска ќе завршат претседателските избори во земјата, на кои што практично и немаше алтернатива.

    Тридневните избори кои што почнаа во петокот се одржуваат во строго контролирана околина, бидејќи не е дозволена критика за Путин или за војната во Украина. Најсериозниот ривал на Путин, Алексеј Навални, почина во арктички затвор минатиот месец, а другите критичари се во затвор или во егзил.

    71-годишниот Путин има тројца противници на гласачкото ливче, но сите тројца доаѓаат од партии кои што се пријателски настроени кон Кремљ и воопшто не го критикуваат неговото 24-годишно владеење.

    Руската економија се покажа како релативно отпорна на санкциите од Западот, а воената индустрија служи како клучен двигател за раст, работејќи во три смени да произведе ракети, тенкови и муниција, потребни за војната во Украина.

    Руската опозиција, доста ослабена, ги повика незадоволните од Путин или од војната да излезат на гласачките места на пладне в недела. Оваа стратегија беше поддржана и од Навални пред да почине.

    Гласањето се одвива на гласачките места низ 11 часовни зони, во анектираните украински региони и онлајн. Повеќе од 60 отсто од регистрираните гласачи гласале до денеска (недела) наутро.

    Освен немањето избор на гласачкото ливче, речиси и да нема независни набљудувачи на претседателските избори во Русија.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира