Владимир Путин е спремен да ја прекине војната во Украина со договорено примирје со кое ќе се признаат сегашните линии на фронтот, изјавија четири руски извори за „Ројтерс“, додавајќи дека рускиот лидер е подготвен да продолжи со борбите ако Киев и западот не одговорат.
Три извори кажаа дека Путин бил фрустриран од обидите поддржани од западот да се спречат преговори и од одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски да ја исклучи можноста за разговори.
„Путин може да војува колку што биде потребно, но исто така е спремен за прекин на огнот, со цел да се замрзне војната“, кажа еден извор, кој работел со Путин и е запознат со разговори на високо ниво во Кремљ.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, коментираше дека Путин постојано нагласува дека е отворен за разговори и дека Русија не сака вечна војна.
Откако Путин го назначи економистот Андреј Белоусов за нов министер за одбрана, некои аналитичари го сфатија ова како прилагодување на руската економија на продолжена војна.
„И покрај успесите на бојното поле во последно време, Путин сака да го искористи сегашниот моментум за да ја заврши војната. Тој ги смета досегашните придобивки од војната како доволни за да се прикажат како победа кај рускиот народ“, велат извори од Кремљ.
Во најголемиот воен конфликт во Европа по Втората светска војна загинаа десетици илјади луѓе на двете страни, а Русија, иако контролира речиси една петина од Украина, досега не успеа да ги реализира целите со кои ја почна „специјалната воена операција“, вклучувајќи целосна окупација на четирите анектирани региони.
„Путин е свесен дека секој нов драматичен пробив на фронтот би барал уште една широка мобилизација, што тој не го сака“, кажа еден извор, додавајќи дека тешко би можел да се постигне некаков договор додека Зеленски е на власт.