Владимир Путин му го потврди своето пријателство на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во пресрет на средбата со Доналд Трамп в петок. Двајцата лидери разговарале вчера, при што Путин ја пофалил севернокорејската помош во војната против Украина.
„Ким и Путин потврдија дека се посветени на понатамошниот развој на пријателските односи, добрососедството и соработката“, се вели во соопштението на Кремљ.
Путин го известил Ким за подготовките на средбата со Трамп, на која главна тема на разговор ќе биде Украина. Ким, пак, ветил дека „Северна Кореја целосно ќе ги поддржи сите мерки што ќе ги преземе руското раководство во иднина“.
Ким Џонг Ун испрати над 10.000 војници во Русија за да ѝ помогнат во истерувањето на украинските сили од пограничниот регион Курск.
Агресијата врз Украина доведе до целосна економска и дипломатска изолација на Русија од западот, но затоа ја доближи Москва до Северна Кореја, со која потпиша договор за сеопфатно партнерство, што вклучи и воена помош ако некоја од нив биде нападната. Северна Кореја исто така испратила проектили, гранати и работници во Русија. Јужнокорејските разузнавачи велат дека Русија во сегашните воени услови сѐ повеќе се потпира на севернокорејски работници.