ПУТИН И МОДИ ВО КИНА НА РЕГИОНАЛЕН САМИТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ВО СЕНКА НА ТРГОВСКАТА ВОЈНА СО САД

    ПУТИН И МОДИ ВО КИНА НА РЕГИОНАЛЕН САМИТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ВО СЕНКА НА ТРГОВСКАТА ВОЈНА СО САДПутин, кој е близок сојузник на Кина, пристигна во Тијанџин во неделата, каде што беше пречекан со црвен тепих. (Фото: Ројтерс)

    Рускиот претседател Владимир Путин и индискиот премиер Нарендра Моди се меѓу дваесетината светски лидери кои присуствуваат на регионалниот безбедносен самит во кинескиот пристанишен град Тијанџин.

    Во пресрет на годишниот собир на Шангајската организација за соработка (ШОС), Моди одржува разговори со кинескиот претседател Шји Џинпинг. Ова е прва посета на Моди на Кина по седум години. Путин, кој е близок сојузник на Кина, пристигна во Тијанџин во неделата, каде што беше пречекан со црвен тепих.

    Самитот се одржува во време кога американскиот претседател Трамп воведе високи царини за индиските стоки како казна за континуираното купување на руска нафта од страна на Делхи, а Путин се соочува со закани за санкции поради неговата војна во Украина.

    Самиот собир е главно симболичен, но им овозможува на лидерите да ги изразат заедничките интереси, а годинава ќе биде заснет од трговските војни со САД.

    Шангајската организација, поддржана од Пекинг, беше формирана од Кина, Русија и четири земји од Централна Азија во 2001 година како противтежа за ограничување на влијанието на западните сојузи како НАТО. Денес, таа брои 10 земји-членки, вклучувајќи ги Пакистан и Иран, како и 16 партнери за дијалог и набљудувачи. Овогодинешниот собир е најголем од основањето на организацијата.

    За Тијанџин, самитот претставува голем настан, со транспаренти и билборди низ целиот град. Навечер, десетици илјади локални жители се собираат за да го следат светлосното шоу на облакодерите. Улиците се преполни, а полицијата ги советуваше повеќе од 13-те милиони жители да го избегнуваат движењето низ градот ако е можно. Такси-службите се суспендирани во центарот, а се поставуваат и блокади на патиштата за да се овозможи брзо поминување на конвоите на светските лидери.

    Состанокот се одржува неколку дена пред големата воена парада со која ќе се одбележат 80 години од крајот на Втората светска војна.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира