Aмериканските разузнавачки служби продолжуваат да предупредуваат дека Владимир Путин има намера да ја освои целата Украина и да ги врати деловите од Европа што му припаѓаа на Советскиот Сојуз, велат шест добро упатени извори. Ова е спротивно на убедувањата на Доналд Трамп и неговите мировни преговарачи дека Путин сака да ја заврши војната и спротивно на негирањата на рускиот лидер дека тој е закана за Европа.
Наодите на САД не се променија откако Путин ја започна целосната инвазија во 2022 година. Тие во голема мера се совпаѓаат со ставовите на европските лидери и шпионските агенции дека тој ги посакува целата Украина и териториите на државите кои беа дел од советскиот блок, меѓу кои има и членки на НАТО, според изворите.
„Разузнавачките информации отсекогаш биле дека Путин сака повеќе. Европејците се убедени во тоа. Полјаците се апсолутно убедени во тоа. Балтикот мисли дека е прв“, рече Мајк Квигли, член на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом.
Русија контролира околу 20% од Украина, вклучувајќи ги Крим, поголемиот дел од Донбас и делови од регионите Запорожје и Херсон. Путин тврди дека тие ѝ припаѓаат на Русија, а Трамп врши притисок врз Украина да ги повлече своите сили од делот на Доњецк што го контролираат.
На вчерашната годишна прес-конференција, Путин не покажа дека е спремен за компромиси. Тој рече дека неговите услови мора да бидат исполнети, додека руските сили напредуваат на фронтот.



