Рускиот претседател Владимир Путин не дојде во Турција на разговорите за прекин за војната со Украина. Иако украинскиот претседател Володимир Зеленски го предизвика Путин лично да дојде во Турција, тој не е во руската делегација која пристигна во Истанбул. Во руската делегација која ќе учествува во разговорите се претседателскиот советник, Владимир Медински кој ја предводи делегацијата, Михаил Галузин, заменик-министер за надворешни работи, Игор Костјуков, директор на руското воено разузнавање, познато како ГРУ, или од неодамна како ГУ, една од најмоќните разузнавачки агенции во светот и Александар Фомин, заменик-министер за одбрана кој учествуваше во преговорите за Украина во 2022 година.
По објавувањето на делегацијата на Кремљ, американски официјален претставник рече дека нема да присуствува ни претседателот Доналд Трамп, кој е на турнеја во три земји на Блискиот Исток. Трамп претходно изјави дека ја разгледува опцијата за учество. Иако Путин никогаш не потврди дека ќе присуствува лично, отсуството на рускиот и американскиот претседател ги намалува очекувањата за голем пробив во војната што Русија ја започна во февруари 2022 година.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за државната новинска агенција Тас изјави дека Владимир Путин синоќа претседавал со состанок за подготовките за разговорите. Времетраењето на руско-украинските разговори во Истанбул, како што изјави Песков, ќе зависи од нивниот напредок.
Иако лидерот на Украина беше на пат за Турција доцна синоќа, украински официјален претставник рече дека ќе учествува во разговорите само ако присуствува и Путин. Во своето ноќно видео обраќање синоќа, Зеленски рече дека Украина ќе одлучи за своите чекори за мировни преговори во Турција откако ќе биде јасно за учеството на Путин.
„Одговорите на сите прашања за оваа војна – зошто започна, зошто продолжува – сите овие одговори се во Москва“, рече Зеленски. „Како ќе заврши војната зависи од светот“.
Зеленски во вторникот пред новинарите во Киев изјави дека планира да го чека Путин во Анкара заедно со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, и дека ќе отпатува за Истанбул ако Путин се согласи да се сретне таму.
„Ако Путин не дојде и игра игри, тоа е конечен доказ дека тој не сака да ја прекине војната“, рече тој.
Путин викендов предложи директни разговори со Украина во Истанбул, но ги отфрли барањата на Киев и неговите сојузници за итен прекин на огнот почнувајќи од 12 мај или во спротивно ќе се соочи со дополнителни санкции.
Иако Вашингтон ја притиска Украина да учествува во разговорите во Турција, Европа повикува Русија прво да се согласи на едномесечен прекин на огнот.