Владимир Путин во денешниот телефонски разговор му кажал на Александар Лукашенко дека ако има потреба, Русија е подготвена да ѝ помогне на Белорусија согласно колективен воен пакт, објави Кремљ. Оттаму додаваат дека врз Белорусија се врши надворешен притисок, без да посочат од кого.
Лукашенко се соочува со најголемиот предизвик во своето 26-годишно владеење откако беше обвинет за местење на изборите на 9 август, на кои што, според државната изборна комисија, освоил над 80% од гласовите. Најмалку двајца демонстранти се убиени, а илјадници се уапсени во досегашните протести, додека за денеска е најавен најголем антирежимски марш досега.
Лукашенко кажа дека тенковите на НАТО се распоредени на 15 минути од белоруската граница.
„Војската на НАТО е пред нашите врати. Литванија, Летонија, Полска и Украина ни наредуваат да одржиме нови избори. Ако има нови избори, Белорусија ќе умре како држава“, изјави Лукашенко на денешниот провладин протест.