ПУТИН Ѝ НАРЕДИ НА ВЛАДАТА ДА ГИ ЗАБРЗА ПРОИЗВОДСТВОТО И ИСПОРАКАТА НА ОРУЖЈЕ ЗА УКРАИНА ЗАШТО НЕДОСТАТОЦИТЕ СТАНАЛЕ СÈ ПОИЗРАЗЕНИ

    ПУТИН Ѝ НАРЕДИ НА ВЛАДАТА ДА ГИ ЗАБРЗА ПРОИЗВОДСТВОТО И ИСПОРАКАТА НА ОРУЖЈЕ ЗА УКРАИНА ЗАШТО НЕДОСТАТОЦИТЕ СТАНАЛЕ СÈ ПОИЗРАЗЕНИПутин создаде нов комитет за да се забрза производството на оружјето и залихите (Фото: АП)

    Соочен со одложувања во военото производство и зголемени загуби, Владимир Путин ѝ нареди на владата да ја прескокне администрацијата со цел да се обезбедат доволно оружја и залихи за војната во Украина, каде што руските сили бележат неуспеси во изминатиот период.

    Недостатоците во руската војска по осум месеци војување станале толку големи, што Путин мораше да создаде нов комитет за да се забрзаат производството и испораката на оружјето и залихите за руските трупи. Тој вчера нагласи дека темпото мора да се забрза во сите области.

    Руските медиуми признаа дека многумина од мобилизираните резервисти немаат добиено соодветна опрема, како комплети за прва помош и панцири, а некои сами морале да се снаоѓаат. Според други извештаи, руските сили се принудени да користат стара и неретко несигурна опрема, а некои од новомобилизираните војници биле испратени на фронт со малку обука.

    Минатата недела, Путин се обиде да покаже дека сè е во ред, посетувајќи тренинг-камп во Русија, каде што сите војници изгледаа добро опремени.

    Со цел да се штедат прецизни проектили со долг дострел, британското министерство за одбрана кажа дека Русија веројатно сè повеќе ќе користи дронови.

    На Русија ѝ снемува артилериска муниција“, велат Британците во својот последен извештај.

    Институтот за проучување војна смета дека „успореното темпо на руските воздушни и ракетни напади веројатно укажува на намалувањето на залихите“.

    За тоа време, руските сили се соочуваат со голем притисок на југот на Украина и се подготвуваат за одбрана на Херсон. Украинските власти најавуваат дека таму следуваат најжестоките битки, зашто Русите не планираат повлекување.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира