Владимир Путин кажа дека Русија е спремна да ја снабдува Европа со нафта и гас под одредени услови, откако војната на Блиски Исток речиси ги запре испораките низ Ормускиот Проток.
Тој кажа дека Москва е подготвена повторно да работи со европските корисници, кои во најголем дел престанаа да увезуваат руски енергенси откако почна војната во Украина. Притоа побара долгорочна соработка и да нема политички притисоци врз Русија.
Глобалните цени на нафтата вчера надминаа 100 долари за барел за првпат од 2022. Во еден момент се доближија до 120 долари, пред да паднат малку денеска.
На состанок што се пренесуваше на телевизија, Путин кажа дека Русија ќе продолжи да ги снабдува со нафта своите доверливи партнери во Азија, како и членките на ЕУ, Словачка и Унгарија.
„Доколку европските компании и купувачи одеднаш одлучат да се преориентираат и ни обезбедат долгорочна, одржлива соработка, без политички притисоци… само напред. Никогаш не сме одбиле. Подготвени сме да соработуваме со Европејците, но ни требаат сигнали од нив дека сакаат да соработуваат со нас и дека ќе обезбедат одржливост и стабилност“, рече Путин.
Европската Унија го забрани увозот на руска нафта преку море во 2022, а руските испораки во Унгарија и Словачка преку гасоводот „Дружба“ во Украина се во прекин од јануари откако наводно бил оштетен во напад со дронови.



