Доналд Трамп изјави дека не е среќен со Владимир Путин, реагирајќи на најголемиот руски воздушен напад врз Украина, во кој вчера биле лансирани речиси 300 дронови и 69 проектили, најмногу во една ноќ од почетокот на војната.
„Што, по ѓаволите, се случи со него? Тој убива многу луѓе. Путин е апсолутно луд“, кажа Трамп.
Володимир Зеленски претходно изјави дека молчењето на САД во врска со последните руски напади го охрабрува Путин и повика на посилен притисок врз Русија. Најмалку 12 луѓе загинаа во вчерашните руски напади, чија мета беа бројни региони низ Украина.
„Го познавам Путин долго време, секогаш добро сме се сложувале, но тој гаѓа градови со ракети и убива луѓе и тоа не ми се допаѓа“, рече Трамп.
Запрашан од новинарите во Њу Џерси дали би размислил да ги засили санкциите за Русија, Трамп одговори: „Апсолутно“.
Тој потоа се огласи и на својата социјална мрежа, каде што напиша дека Путин полудел.
„Отсекогаш сум велел дека тој ја сака целата Украина, а не само дел од неа и можеби тоа се покажува како точно. Но, ако го направи тоа, тоа ќе доведе до пад на Русија“, кажа Трамп и притоа го искара и Зеленски.
„Тој не ѝ прави услуга на својата земја зборувајќи така како што збори. Сѐ што излегува од неговата уста предизвикува проблеми, не ми се допаѓа тоа и подобро да престане“, напиша Трамп за Зеленски.
Иако европските сојузници на Украина подготвија дополнителни санкции за Русија, Вашингтон кажа дека нема да им се придружи, надевајќи се дека ќе успее да постигне мировен договор. Путин не го прифати предлогот за безусловно 30-дневно примирје, туку кажа дека Русија работи на меморандум за можен мировен договор.