Владимир Путин ги повика цивилите од окупираниот Херсон да се евакуираат, што е прво признание на Кремљ дека ситуацијата во регионот е влошена.
„Оние кои живеат во Херсон би требало да бидат иселени од зоната на најопасните акции, зашто цивилното население не треба да страда“, изјави Путин пред активистите кои го одбележуваа Денот на националното единство.
Изјавата на Путин следува ден откако проруските власти во Херсон најавија дека руската војска би можела да се повлече од десниот брег на реката Днепар, каде што се наоѓа и самиот град Херсон. Оттаму во изминатите денови беа евакуирани десетици илјади цивили.
Украинците се во противофанзива на југот, при што ги бомбардираа и оштетија сите клучни премини преку Днепар, поради што постоеше опасност руските сили да останат отсечени. И заповедникот на руските воени операции во Украина, генералот Сергеј Суровикин, претходно укажуваше на тешката ситуација во Херсон.