Владимир Путин објави дека прогласува воена состојба во окупираните украински региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, што Русија ги анектираше минатиот месец. На денешниот состанок на Безбедносниот совет, Путин ѝ нареди на владата да формира специјално координативно тело на чело со премиерот Михаил Мишустин, кое ќе работи со овие четири региони.
Ова е последната ескалација од страна на Путин, која следува откако руската војска доживеа низа порази во Украина од почетокот на септември. Проруските власти на Херсон денеска им кажаа на жителите да се евакуираат бидејќи се очекува украински напад на градот.
Путин не прецизираше кои чекори ќе бидат преземени во рамките на воената состојба, но кажа дека новите мерки ќе ја зголемат стабилноста на економијата, индустријата и производството за поддршка на специјалната воена операција во Украина.
Тој истовремено потпиша декрет со кој се забранува влегувањето и излегувањето од осум руски региони кои граничат со Украина. Ова се однесува и на Крим и Севастопол, кои Русија ги анектираше во 2014.