Владимир Путин се согласил делегација на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) да ја посети нуклеарната централа Запорожје, соопштија од кабинетот на Емануел Макрон, кој денеска разговарал со рускиот претседател.
Во изминатите денови, Украина и Русија меѓусебно се обвинуваа за гранатирањето на нуклеарката, која е под контрола на руските сили уште од раната фаза на инвазијата, иако со неа продолжуваат да управуваат украински инженери. Моментално работат само два од шесте реактори.
Украинската компанија за атомска енергија „Енергоатом“ денеска предупреди дека Русија планира да ја исклучи нуклеарката од украинската електрична мрежа и да ја приклучи на руската.
Рускиот претставник во ИАЕА, Михаил Уљанов, изјави дека меѓународни инспектори би можеле да ја посетат централата следниот месец.
„Речиси секој ден разговарам со директорот на агенцијата. Мислам дека посетата би можела да се случи во почетокот на септември“, изјави Уљанов.
И покрај грижите, експертите велат дека централата Запорожје важи за побезбедна од Чернобил, при што реакторите се сместени во зграда од армиран бетон, која може да издржи екстремни надворешни настани.
„Реакторите во голема мера се дизајнирани според западните стандарди. Запорожје е изградена во 1980-ите, со што е релативно модерна. Би требало навистина многу за да се пробие нејзината заштита“, изјави Марк Венман, експерт за нуклеарни материјали од Империјалниот колеџ во Лондон.