Рускиот претседател Владимир Путин и натаму сака да освои најголем дел од Украина, велат американските разузнавачи. Сепак, руските трупи моментално се ослабнати од борбите и се способни да остваруваат само мал територијален напредок.
„Тоа значи дека војната би можела да потрае“, изјави директорката на Националното разузнавање на САД, Аврил Хејнс.
Во март, Русија ги фокусираше своите напори на освојување на регионот Донбас откако не успеа да ги заземе Киев и другите поголеми градови, но Хејнс смета дека Путин сè уште ги има истите цели како на почетокот на војната.
„Сепак, малку е веројатно дека Русија во скоро време ќе ги оствари тие цели. На теренот се забележува голема разлика помеѓу краткорочните воени цели на Путин и капацитетите на неговата армија, еден вид неусогласеност помеѓу неговите амбиции и она што војската може да го постигне“, вели Хејнс.
Таа предвидува дека руската инвазија ќе продолжи подолг временски период.
„Сликата останува доста мрачна. Разузнавачките агенции имаат три сценарија како војната би можела да се одвива и најверојатното предвидува конфликт што бавно ќе се развива, при што Русија ќе остварува мали успеси, но без значаен напредок“, кажа Хејнс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера кажа дека на неговата земја ѝ требаат пет милијарди долари месечно за да ја финансира војната против Русија.