ПУТИН ВЕТИ БРЗА СПЕЦИЈАЛНА ВОЕНА ОПЕРАЦИЈА, А ОД УКРАИНА ВЕЌЕ СЕ ВРАЌААТ И ТЕЛАТА НА НОВОМОБИЛИЗИРАНИ РУСИ

    ПУТИН ВЕТИ БРЗА СПЕЦИЈАЛНА ВОЕНА ОПЕРАЦИЈА, А ОД УКРАИНА ВЕЌЕ СЕ ВРАЌААТ И ТЕЛАТА НА НОВОМОБИЛИЗИРАНИ РУСИПутин во петокот изјави дека досега биле мобилизирани 222.000 Руси (Фото: АП)

    Андреј Никифоров, адвокат од Санкт Петербург, е еден од стотици илјади Руси мобилизирани во изминатите недели за да се помогне руската воена кампања во Украина. Тој го примил повикот на 25 септември, а две недели подоцна веќе бил мртов.

    Не знаеме што се случило. Само дознавме датум и место“, изјави Александар Зеленски, претседателот на адвокатската комора „Невски“, чиј член бил Никифоров.

    Тоа место е Лисичанск, една од најопасните точки на фронтот.

    Во Русија веќе пристигнуваат првите ковчези од Украина кои ги носат останките на обични Руси на кои во прв момент им беше ветена брза „специјална воена операција“, а кои сега се регрутираат за да се борат во неа. Тие загинаа во првите недели откако Владимир Путин прогласи делумна воена мобилизација на 21 септември.

    Регионот Чељабинск во четвртокот објави дека загинале петмина мобилизирани војници од еден воен комесаријат, а уште четворица загинале од регионот Краснојарск. Семејствата на некои од загинатите резервисти изјавија дека им биле ветени два месеца тренинг пред да бидат пратени на бојно поле.

    Зеленски вели дека Никифоров без двоумење се одзвал на повикот за мобилизација.

    Беше лојален и способен, тој беше воен ветеран кој служеше во Чеченија и не беше изненаден кога го доби повикот“, изјави Зеленски.

    Брзото загинување на новомобилизирани руски војници, сепак, не поминува без реакција во земјата.

    Алексеј Мартинов, 28-годишник вработен во московската администрација, бил мобилизиран на 23 септември, а неговата смрт беше потврдена на 10 октомври.

    Тој немал борбено искуство и бил испратен на фронтот за само неколку дена. Воени лидери, сега не е време да се лаже! Немате право да лажете, тоа е злосторство“, напиша заменик-уредничката на државната телевизија РТ, Наталија Лосова.

    Путин во петокот изјави дека досега биле мобилизирани 222.000 Руси, од кои 16.000 веќе се борат во Украина. Тој кажа дека тие поминуваат низ основна обука од пет до 10 дена, по што следува борбен тренинг.

    Линијата на контакт е долга 1.110 километри и речиси е невозможно да ја држат само трупи формирани од професионални војници. Тоа е причината за мобилизацијата“, кажа Путин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира