Алтернативата за Германија (АФД) е првата десничарска партија која ќе влезе во германскиот парламент уште од времето на нацистите, покажуваат резултатите на анкетите за парламентарните избори, кои се одржуваат денеска.
И додека е за очекување Ангела Меркел да го освои четвртиот мандат, се предвидува дека радикалната странка АФД ќе заврши на третото место на изборите за Бундестаг, а со 12% освоени гласови, би можела да добие 50 пратенички места.
„Првпат од Втората светска војна, во германскиот парламент ќе седат нацисти. Тие луѓе имаат реторика што сум ја слушал во семејството“, изјави министерот за внатрешни работи, Зигмар Габриел, додавајќи дека татко му бил нацист.
Оваа странка е основана во 2013 година и нејзината политика се противи на еврото, исламот и на бегалците. Нејзината позиција силно се засили, откако Меркел дозволи влез на илјадници мигранти во Германија изминативе години и токму врз тоа ја базираше својата изборна кампања.
Од партијата најавуваат и дека ќе го покренат прашањето за излегување на Германија од Европската Унија, доколку таа не се реформира и доколку продолжи економското слабеење на државата. Таа повика на воспоставување на гранична полиција и на построги правила за добивање азил, сметајќи дека ислам не е религија која припаѓа во Германија.