Последниот тест на огромната ракета „Старшип“ на „СпејсЕкс“ пропаднал неколку минути по лансирањето. Официјални лица од компанијата на Илон Маск кажаа дека горната фаза беше изгубена по проблемите што се појавија по полетувањето од Тексас.
Ракетата се распаднала во вселената поради што авионите кои летале над Мексиканскиот Залив морале да го променат курсот за да го избегнат паѓањето на остатоците. Осум минути по полетувањето, контролата на мисијата го изгубила контактот со новоподобрената ракета, која немала човечки екипаж, туку го носела првиот товар на лажни сателити.
Видео објавено од „СпејсЕкс“ покажа светлосни портокалови топки на небото над главниот град на Хаити кои оставаат траги од чад зад себе.
„Ја изгубивме целата комуникација со бродот. Тоа јасно ни кажува дека имало аномалија во горната фаза“, изјави портпаролот на компанијата Ден Хоут.
„Старшип“ последен пат имала ваков проблем во март при враќањето во Земјината атмосфера над Индискиот Океан, но ретко се случувало при тестирањата да има попречувања во авионскиот сообраќај. Според сајтот „Флајтрадар“, десетици комерцијални летови биле пренасочени кон други аеродроми или го промениле курсот, а полетувањата од аеродромите во Мајами и Форт Лодердејл во Флорида биле одложени за околу 45 минути.
„Успехот е неизвесен, забавата е загарантирана“, кажа Маск, објавувајќи видео од паѓањето на остатоците.
„СпејсЕкс“ кажа дека горната фаза на „Старшип“ била два метра повисока од претходната верзија и имала значајни надградби.