Доналд Трамп предводеше голем републикански предизборен митинг во салата „Медисон сквер гарден“ во Њујорк, на кој можеа да се слушнат бројни расистички и навредливи забелешки, при што за Порторико беше кажано дека е пловечки остров на ѓубре. Иако републикански кандидат не победил на изборите во Њујорк од 1984, Трамп се надеваше дека во една ваква легендарна сала ќе го даде својот завршен збор против ривалката Камала Харис.
Тој збореше за своите планови за запирање на илегалната имиграција и депортирање мигранти, кои ги опиша како злобни и крволочни криминалци.
„На првиот ден по победата на изборите ќе ја почнам најголемата програма за депортација во американската историја. Ќе ги спасам сите градови кои се нападнати и запоседнати“, рече Трамп.
За Харис кажа дека е личност со многу ниско ниво на интелигенција и доби голема поддршка од присутните за својата цврста реторика против имигрантите. Најави дека ќе активира закон од 1798 година, кој предвидува депортација на имигранти со криминално досие. Други говорници кажаа за Харис дека е ѓавол и антихрист кој ќе ја уништи земјата и дека ја почнала кариерата како проститутка.
Меѓу говорниците беа Илон Маск, легендата на американското борење Халк Хоган, бившиот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани и синовите на Трамп, Ерик и Дон Џуниор. Најголеми осуди предизвика говорот на комичарот Том Хинчклиф, кој го опиша Порторико како пловечки остров на ѓубре. Подоцна се огласија од тимот на Трамп за да кажат дека „шегата за Порторико не ги одразува ставовите на Доналд Трамп и неговата кампања“.
Иако Порториканците се американски државјани, тие не можат да гласаат на изборите, но затоа милиони жители на овој остров се имаат преселено во САД и имаат особено голема заедница во Пенсилванија.
Харис кажа дека собирот во Њујорк ја отсликува добро познатата понижувачка порака на Трамп која прави делби.
Во својот говор, Трамп кажа дека на Американците сега им е полошо отколку пред четири години, нагласи дека нема да почнува нови војни, но ако има војна со Кина, Америка ќе ја растури.