РАТКО МЛАДИЌ ОСУДЕН НА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР

    РАТКО МЛАДИЌ ОСУДЕН НА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОРСудот го прогласи Младиќ за виновен за геноцид, злосторства против човечноста, како и за кршење на законите и обичаите на војувањето. - Младиќ за време на изрекување на пресудата (Фото: Пул)

    Хашкиот суд за воени злосторства му изрече доживотна казна затвор на воениот командант на војската на Република Српска, Ратко Младиќ, ставајќи точка на најмрачниот период во поствоена Европа.

    По двочасовното читање на пресудата, судот го прогласи Младиќ за виновен за геноцид, злосторства против човечноста, како и за кршење на законите и обичаите на војувањето за време на војната во БиХ, од мај 1992 до крајот на 1995 година.

    Клучните точки од обвинението против Младиќ беа директното учество во геноцидот во Сребреница, кога беа убиени 8.000 мажи и машки деца, неговата одговорност во прогонувањето, мачењето и убивањето на несрпското население во најмалку седум општини, основањето на логори и теророт врз цивилното население на Сараево.

    „Извршителите имаа намера да го уништат муслиманското население во Сребреница“, кажа судијата Алфонс Орие, заклучувајќи дека во и околу градот се случил геноцид.

    Тој, исто така, се товареше дека со Радован Караџиќ учествувал во злосторнички потфат, што имал за цел формирање на етнички чиста српска држава на територијата на БиХ.

    Хаг го покрена првото обвинение против него уште на 25 јули 1995 година и тоа потоа уште трипати се прошируваше. Долги години по завршувањето на војната во БиХ, тој успешно се криеше на тајни локации и, конечно, беше фатен во мај 2011 година, во село во Војводина.

    Пет дена подоцна, српските власти го испорачаа Младиќ во Хаг, а судската постапка почна по една и пол година и траеше до август 2016 година, при што беа сослушани 377 сведоци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира