Властите во неколку земји кажаа дека е разбиена пропагандна мрежа поддржана од Русија која ширела антиукраински информации и плаќала европски политичари, чии имиња не се објавени. Истражителите тврдат дека мрежата го користела популарниот сајт „Глас на Европа“ како средство за плаќање на политичарите.
Чешка и Полска кажаа дека мрежата сакала да влијае врз европската политика. Повикувајќи се на разузнавачки извори, чешките медиуми објавија дека политичари од Германија, Франција, Полска, Белгија, Холандија и Унгарија биле платени од „Глас на Европа“ за да влијаат врз претстојните избори за Европскиот парламент. Германскиот весник „Шпигел“ објави дека парите биле давани во готовина на тајни средби во Прага или во вид на криптовалути.
Се верува дека зад мрежата стои прорускиот украински олигарх Виктор Медведчук. Тој беше уапсен набргу по почетокот на руската инвазија, за подоцна да биде разменет за 215 Украинци, заедно со 50 руски воени заробеници.
Полската разузнавачка служба извела рации во регионите Варшава и Тихи, при што биле запленети 48.500 евра и 36.000 долари.
Не е наведено името на ниеден вмешан политичар, но белгискиот премиер Александер де Ку кажа дека меѓу нив има и европратеници.
Сајтот на „Глас на Европа“ денеска беше затворен.