Четиричасовните разговори Русија-САД во Саудиска Арабија завршија без да се договори датум на средбата помеѓу Доналд Трамп и Владимир Путин. Советникот на Путин за надворешна политика Јури Ушаков, кој учествуваше во разговорите заедно со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кажа дека Путин и Трамп сигурно нема да се сретнат следната недела.
„Двете земји мора да работат заедно. Ние сме спремни за тоа, но тешко е да се каже кога точно би се сретнале Путин и Трамп“, изјави Ушаков, додавајќи дека разговорите во Ријад биле добри и позитивни.
Тој кажа дека двете страни се согласиле руски и американски преговарачи да почнат разговори за Украина во догледно време, додавајќи дека за тоа ќе реши самиот Путин.
„Рано е да се зборува за компромиси, но двете страни почнаа да се слушаат една со друга и да се однесуваат со почит и како еднакви. Ова беше многу јасен напор да се почне дијалог“, кажа рускиот преговарач Кирил Дмитриев.
Украина и Европа не беа поканети во Ријад и Москва претходно појасни дека ова се строго билатерални разговори. Американската делегација ја сочинуваа државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот претставник за Блиски Исток, Стив Виткоф.
„Делегациите на САД и Русија се согласија да се преземат чекори за нормализирање на работата на нашите дипломатски мисии. Тие, исто така, се согласија да назначат тимови за разговори за Украина, со цел да се најде прифатливо и одржливо решение за конфликтот што е можно поскоро“, рече портпаролката на Стејтот департмент Тами Брус по денешните разговори во Ријад.