Бројот на загинати во силниот земјотрес во Турција и Сирија порасна на речиси 22.000, додека Обединетите нации предупредуваат дека целосните размери на катастрофата и натаму се нејасни. Спасувачите продолжуваат да ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани, но надежите се сè помали повеќе од четири дена по првиот земјотрес.
Смрзнувачките услови се нова закана за илјадниците преживеани кои се без засолниште, храна и вода. Турскиот претседател Ердоган го опиша земјотресот како „катастрофа на векот“.
Се забрзуваат меѓународните напори за доставување помош. Американската влада вети помош од 85 милијарди долари за погодените подрачја и кажа дека ги паузира санкциите за Сирија на шест месеци, со цел да не се спречува доставувањето на хуманитарната помош.
„Американските санкции за Сирија, за кои и досега постоеја исклучоци, нема да стојат на патот на спасувачките напори“, објави министерството за финансии на САД.
Напорите на повеќе од 100.000 спасувачи од цел свет се отежнати од лошото време и логистичките пречки, како оштетени патишта.
„Катастрофата и натаму се одвива пред наши очи, особено во Сирија, веќе уништена од повеќегодишната граѓанска војна“, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутерес.
Првиот конвој со хуманитарна помош на ОН вчера го премина граничниот премин Баб ал-Хава и влезе во северозападна Сирија. Тоа е единственото место преку кое што помошта може да стигне во регионот, без да минува низ областите контролирани од сириската влада.
Според последните бројки, во Турција загинале 17.674 луѓе, како и 3.377 во Сирија, но ова се далелу од конечните цифри.