Во времето кога Доналд Трамп пројавува амбиции да ја претвори Канада во 51. американска сојузна држава, Канаѓани се повеќе склони кон приклучувањето кон Европска Унија. Една последна анкета покажа дека дури 46% Канаѓани го поддржуваат членството на нивната земја во ЕУ.
Во анкетата на „Абакус дејта“, 29% испитаници биле против, а 25% биле неодлучни. Во исто време, само 10% Канаѓани ја поддржуваат идејата на Трамп за приклучување кон САД.
Анкетата била спроведена пред Трамп да воведе нови царини за Канада.
„Почестени сме од резултатите на една ваква анкета. Тие ја покажуваат атрактивноста на ЕУ и дека Канаѓаните ги делат нашите вредности“, изјави портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо.
Договорите врз кои ЕУ ја поставува својата уставна основа наведуваат дека секоја европска држава која ги почитува европските вредности може да поднесе барање за членство во блокот. Но, тие не прецизираат што претставува европска држава, оставајќи им на Комисијата и на земјите-членки да повлечат линија. Во минатото, на земјите надвор од Европа им беше дозволено да аплицираат, па дури и да се приклучат на Унијата.
Кипар, кој географски е сместен во западна Азија, стана членка на ЕУ во 2004, а Турција, чиј голем дел се наоѓа во западна Азија, доби статус на кандидат уште во 1999.