РИЗИК ОД ХАОТИЧНО ИЗЛЕГУВАЊЕ НА БРИТАНИЈА ОД ЕУ ПО ДЕБАКЛОТ НА ДОГОВОРОТ ЗА БРЕГЗИТ НА ТЕРЕЗА МЕЈ

    РИЗИК ОД ХАОТИЧНО ИЗЛЕГУВАЊЕ НА БРИТАНИЈА ОД ЕУ ПО ДЕБАКЛОТ НА ДОГОВОРОТ ЗА БРЕГЗИТ НА ТЕРЕЗА МЕЈТереза Меј вечерва ќе се соочи со гласање за доверба (Фото: АП)

    Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, ѝ порача на Велика Британија дека „нејзиното време е речиси истечено“, откако британскиот парламент синоќа со голема разлика во гласови го отфрли договорот за брегзит на Тереза Меј.

    „Со жалење го примив резултатот од гласањето во британскиот парламент. За Европската Унија, процесот на ратификување на договорот за повлекување продолжува. Европската комисија вложи премногу време и напори во преговарањето на договорот и покажавме креативност и флексибилност. Ризикот од хаотично повлекување на Британија од Унијата се зголеми по вечерашното гласање. Ѝ порачувам на Велика Британија да ги разјасни своите намери што е можно побрзо, бидејќи времето ѝ истекува“, изјави Јункер.

    Тереза Меј вети дека нејзината влада ќе се соочи со гласање за доверба, откако нејзиниот договор за брегзит беше отфрлен во најтешкиот парламентарен пораз во демократската ера на земјата.

    Поразот беше очекуван, но односот на гласовите, 432 „против“ наспроти 202 „за“, може да се покаже уништувачки за и онака кревкото водство на Меј. Претходниот негативен рекорд го држеше гласање од 1924 година, кога разликата во гласови била 166.

    „Парламентот се изјасни и владата ќе послуша. Јасно е дека парламентот не го поддржува договорот, но вечерашното гласање не ни кажа ништо за тоа што поддржува“, изјави Меј.

    Велика Британија сѐ уште може да ја напушти Европската Унија на 29 март, но овој понижувачки резултат го доведува во прашање начинот на кој ќе се изведе тоа.

    „Ова е катастрофален пораз. Парламентот ја даде својата пресуда за договорот. Одложувањето и одбивањето ја достигнаа својата крајна точка“, изјави лидерот на лабуристите, Џереми Корбин, потврдувајќи дека веќе доставил барање да се гласа за доверба на владата, што го поддржале и други лидери на опозицијата.

    Гласањето за доверба треба да се одржи вечерва во 20 часот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира