Родителите во Пакистан кои ќе одбијат да ги вакцинираат своите деца против заразни болести би можеле да одат во затвор или да бидат казнети. Новото законодавство е обид да се искорени полио, која е ендемска болест во Пакистан, но ќе ги опфати и вакцините против дифтерија, тетанус, голема кашлица, сипаници, заушки и рубеола.
Родителите кои нема да дозволат нивните деца да бидат вакцинирани би можеле да бидат осудени на еден месец затвор или да добијат парична казна од 130 долари. Законот ќе стапи на сила следниот месец.
„Овој закон има за цел да стави крај на одбивањето на вакцинирањето. Мора да воведеме вонредни мерки за да се искорени полио во Пакистан“, изјави поранешната министерка за ублажување на сиромаштијата и социјална сигурност Шазија Мари.
Според Светската здравствена организација, Пакистан и Авганистан се единствените земји во светот каде што полио е ендемска болест. Повеќе од 62.000 родители не дозволиле нивните деца да примат вакцина за време на кампањата за вакцинирање во јануари.
Антиваксерството е длабоко вкоренето во Пакистан, при што свештеници шират митови дека вакцините се западен заговор за стерилизирање муслимански деца.