Студентите во блокада објавија дека не прифаќаат извинувања, туку само оставки, откако во вториот дневник беше прочитано соопштение од новиот редакциски одбор на информативната програма на Радио-телевизија Србија. Во дневникот беше објавена веста за смените на уредниците во РТС, по што водителот ја прочита изјавата на новата редакција на информативната програма, во која се наведува дека ова е „првата мерка на извинување“.
„Не прифаќаме извинувања. Прифаќаме само оставки“, објавија студентите на Икс.
Претставници на Студентската листа вчера ја одржаа првата прес-конференција по победата на изборите во неделата, на која кажаа дека граѓаните имаат право на вистинити информации и побараа оставка и од заменик-генералниот директор на РТС, Дејан Јовановиќ, покрај веќе дадените оставки од генералната директорка Мања Грчиќ и главната уредничка на информативната програма Бојана Младеновиќ. Од Листата предложија привремена управа договорена со репрезентативните синдикати на РТС.
По прес-конференцијата беше објавено дека се сменети уредниците на пет редакции и на централниот дневник. По веста за смените, водителот на дневникот го прочита и извинувањето од уредничкиот колегиум.
„Драги гледачи, ова се првите чекори кон, се надеваме, закрепнувањето на РТС. Првата мерка на извинување за сите кои беа изоставени во претходниот период. Ни претстои работа на програмската содржина, а сè во јавниот интерес. Сакаме да ви ја вратиме довербата“, прочита водителот.



