Американскиот државен секретар Марко Рубио ги негираше тврдењата на високите руски функционери дека САД и Русија постигнале договор за завршување на војната во Украина на нивниот самит во Алјаска минатата година.
„Имаше предлог, но немаше договор. Доколку имаше договор, досега би ја завршиле војната“, кажа Рубио, додавајќи дека Вашингтон и натаму сака да има конструктивна улога во мировните разговори.
Реакцијата на Рубио следува откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кажа дека САД веќе не се објективен посредник во напорите да се стави крај на војната во Украина, а неговиот заменик Сергеј Рјабков ги обвини САД дека отстапуваат од „фундаменталните разбирања“ постигнати во Алјаска.
„Путин и Трамп на нивниот состанок во Алјаска се согласија како да ги прекинат борбите во Украина и да почнат да ги решаваат сите преостанати прашања на преговарачка маса“, рече Лавров, без да даде детали за што точно наводно се договориле двајцата лидери.
Трамп пред два дена се сретна со шефот на НАТО, Марк Руте, во Белата куќа, при што го пофали украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Тој се справува со Русија доста добро. Мора да се каже дека е храбар, има одлична опрема, но има и одлични луѓе и борци“, рече Трамп.



