Русија и формално ги предупреди САД и нивните сојузници дека би можело да има непредвидливи последици ако продолжат да ја снабдуваат Украина со оружје. Предупредувањето беше испратено од руската амбасада во Вашингтон до Стејт департментот во вид на дипломатска нота, ден откако Џо Бајден одобри нова воена помош за Украина во вредност од 800 милиони долари, која првпат вклучува артилерија со долг домет.
„Оружјето што САД и НАТО го испраќаат во Украина само долева масло на огнот и може да доведе до непредвидливи последици“, стои во писмото на руските дипломати.
Од почетокот на руската инвазија, САД ја помогнаа Украина со воена опрема од повеќе од три милијарди долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски истовремено предупреди дека Русија би можела да ја нападне Украина со нуклеарно оружје. Ова уследи откако директорот на ЦИА кажа дека Русија би можела да употреби тактичко нуклеарно оружје во Украина.
„Не треба да бидеме уплашени, треба да бидеме подготвени. Но, тоа не важи само за Украина, туку за целиот свет“, кажа Зеленски.
Минатиот месец, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, призна дека Русија би можела да употреби нуклеарно оружје доколку постои егзистенцијална закана.