Руските воени цели во Украина веќе не се ограничени само на истокот на земјата, изјави министерот за одбрана Сергеј Лавров. Тој вели дека стратегијата на Русија се променила откако западот почнал да ја снабдува Украина со ракетни системи со долг дострел.
„Русија сега мора да ги потисне украинските сили подалеку од линијата на фронтот за да ја осигура сопствената безбедност“, кажа Лавров.
Русија ја нападна Украина на крајот на февруари и откако не успеа да го заземе Киев во раната фаза од војната, својот фокус го насочи кон „ослободувањето“ на источните региони Луганск и Доњецк, кои го сочинуваат Донбас. Пет месеци од почетокот на војната, руските сили окупираат делови од истокот и југот на земјата, вклучувајќи го Луганск во целост, додека западните земји продолжуваат да ја снабдуваат украинската војска со сè помоќни оружја.
„Тоа ја натера Русија да ги прошири своите цели. Не смееме да дозволиме деловите од Украина кои се под контрола на Зеленски да поседуваат оружја кои претставуваат директна закана за руската територија. Географијата е поинаква сега“, кажа Лавров.
Тој додаде дека јужните региони Херсон и Запорожје се следните цели на Русија, која засега контролира делови од нив.
Во изминатите два дена, украинските сили ги користеа ракетните системи ХИМАРС за да гаѓаат клучен мост преку Днепар во Херсон и локалните проруски власти потврдија дека тој е погоден и тешко оштетен. „Антоновск“ е еден од двата моста преку кои Русија ги снабдува окупираните области на западниот брег на Днепар.