Најмалку три лица загинаа во денешниот напад со дронови на Киев, изјави заменик-шефот на кабинетот на претседателот Зеленски, Кирило Тимошенко. Тие загинале во една станбена зграда, од чии урнатини се извлечени и 19 преживеани.
Украина вели дека денешниот напад бил изведен со камиказе дронови од иранско производство, додека руското министерство за одбрана објави дека лансирале масовен напад на воени цели и енергетска инфраструктура низ Украина со високопрецизни оружја.
„Сите одредени цели се погодени“, кажаа од министерството.
Украинскиот премиер Денис Шмихал кажа дека има загинати цивили и во други делови од земјата и дека се погодени клучни инфраструктурни објекти во регионите Днепар и Суми.
Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, изјави дека во градот имало пет експлозии откако Русија лансирала напад со 28 дронови.
„Благодарение на нашите вооружени сили, најголемиот дел од летечките терористи беше соборен. Вкупно пет експлозии се слушнаа во градот, при што е погодена и станбена зграда“, изјави Кличко.
Украинската војска соопшти дека уништила 37 руски дронови од синоќа.
„Цела ноќ и цело утро, непријателот го тероризира цивилното население. Камиказе дроновите и ракетите ја напаѓаат цела Украина“, изјави Зеленски.