РУСИЈА ГО СМЕНИ ЗАПОВЕДНИКОТ НА ЦРНОМОРСКАТА ФЛОТА ПО ПОСЛЕДНИТЕ ЕКСПЛОЗИИ НА КРИМ

    РУСИЈА ГО СМЕНИ ЗАПОВЕДНИКОТ НА ЦРНОМОРСКАТА ФЛОТА ПО ПОСЛЕДНИТЕ ЕКСПЛОЗИИ НА КРИММинатата недела, воената база близу седиштето на флотата во Севастопол беше погодена од серија експлозии (Фото: АП)

    Руската црноморска флота стационирана на Крим доби нов заповедник, објавија државните медиуми, откако руските воени бази на анектираниот полуостров беа погодени од серија експлозии во изминатите денови.

    Ако ова биде потврдено, отстранувањето на Игор Осипов ќе претставува најзначајната смена во руската војска од почетокот на инвазијата на Украина пред речиси шест месеци, во кои таа забележа огромни загуби во луѓе и опрема.

    Еден извор изјави за државната агенција РИА дека е „нормално што смената не беше објавена јавно во времето кога Русија ја спроведува специјалната воена операција во Украина“.

    Осипов бил заповедник на флотата од мај 2019. На негово место дошол 60-годишниот Виктор Соколов, кој има богато искуство во командувањето со воени бродови.

    Црноморската флота, која има славна историја во Русија, претрпе неколку големи јавни понижувања од почетокот на војната, вклучувајќи го потопувањето на бродот „Москва“, кој беше нејзин заштитен знак.

    Минатата недела, воената база Саки близу седиштето на флотата во Севастопол беше погодена од серија експлозии, при што биле уништени најмалку осум борбени авиони. Пред два дена, нови силни експлозии беа забележани на Крим, кога беше уништено складиште на муниција во воена база во северниот дел на полуостровот. Русија кажа дека е во прашање саботажа, а Украина навести дека е одговорна за овој напад.

    Руската безбедносна служба ФСБ вчера објави дека уапсила шестмина припадници на исламистичка ќелија на Крим, но не кажа дали таа е одговорна за последните експлозии.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира