РУСИЈА ГО УБИ НАВАЛНИ СО ОТРОВ ОД ЖАБА-ОТРОВНИЦА, РЕЧЕ ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

    РУСИЈА ГО УБИ НАВАЛНИ СО ОТРОВ ОД ЖАБА-ОТРОВНИЦА, РЕЧЕ ВЕЛИКА БРИТАНИЈАДве години по смртта на Навални во сибирската казнена колонија, Велика Британија и нејзините сојузници ја префрлија вината на Кремљ по анализата на примероците од материјалот пронајдени на неговото тело. (Фото: АП)

    Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални беше убиен со употреба на отров развиен од токсин од отровна жаба (батрахотоксин), соопшти Министерството за надворешни работи на Велика Британија. Две години по смртта на Навални во сибирската казнена колонија, Велика Британија и нејзините сојузници ја префрлија вината на Кремљ по анализата на примероците од материјалот пронајдени на неговото тело.

    Владите на Велика Британија, Франција, Германија, Шведска и Холандија во заедничко соопштение изјавија дека заклучиле оти Навални бил отруен со смртоносен токсин во казнената колонија пред две години. Руската влада негираше каква било одговорност за смртта на Навални.

    Не постои невино објаснување за тоа како токсинот, наречен епибатидин, е пронајден во примероците земени од телото на Навални, соопшти британското Министерство за надворешни работи. Зборувајќи од Минхенската безбедносна конференција, министерката за надворешни работи Ивет Купер рече: „Само руската влада имаше средства, мотив и можност да го употреби овој смртоносен токсин против Алексеј Навални за време на неговиот престој в затвор во Русија“.

    Купер се сретна со вдовицата на Навални, Јулија Навалнаја, на конференцијата овој викенд.

    „Русија го гледаше Навални како закана“, рече Купер на настанот. „Со користење на овој вид отров, руската држава ги демонстрираше ужасните алатки што ги има на располагање и огромниот страв што го има од политичката опозиција“, додаде таа.

    Министерството за надворешни работи соопшти дека Велика Британија ја информирала Организацијата за забрана на хемиско оружје за наводното кршење на Конвенцијата за хемиско оружје од страна на Русија.

    Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека рукиот претседател Владимир Путин е подготвен да употреби хемиско оружје против Русите. „Пред две години, Алексеј Навални почина од труење предизвикано од еден од најсмртоносните нервни агенси. Сега знаеме дека Владимир Путин е подготвен да употреби хемиско оружје против сопствениот народ за да ја одржи својата власт“, ​​рече Баро во објава на Икс.

    Навални, активист против корупцијата и најгласниот лидер на опозицијата во Русија, почина ненадејно в затвор на 16 февруари 2024 на 47-годишна возраст. Во 2020 беше отруен со нервен агент „новичок“. Тој беше на лекување во Германија и беше уапсен на аеродромот по враќањето во Русија.

    Пред денешното соопштение, сопругата на Навални, Јулија, постојано тврдеше дека нејзиниот сопруг бил убиен со труење додека отслужувал затворска казна во арктичка казнена колонија во 2024.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира