Врховниот суд на Русија го прогласи меѓународното ЛБГТ движење за екстремистичка организација и ги забрани сите негови активности во земјата. Пресудата беше донесена на предлог на министерството за правда, иако таква организација не постои како правно лице.
Рускиот устав беше променет пред три години со цел да се нагласи дека брак е заедница помеѓу маж и жена. Истополовите бракови не се озаконети во земјата.
„Ова би можело да значи дека секој кого државата го смета за ЛГБТ активист би можел да добие долга затворска казна за учество во екстремистичка организација. За организаторите на такви групи, казните би биле уште подолги. Ова е вистинска репресија. Има паника во руската ЛГБТ заедница, луѓето сакаат итно да емигрираат“, изјави Сергеј Трошин, општински советник во Санкт Петербург кој минатата година откри дека е геј.
Пратеникот и познат хомофоб Витали Милонов кажа дека забраната на ЛГБТ групите не се однесува на сексуалните малцинства или на приватниот живот на поединците.
„Ова повеќе има врска со политичката агенда на меѓународното ЛГБТ движење. Тие имаат свои задачи, свои цели. Тие делуваат како политичка сила чија структура е спротивна на рускиот устав“, изјави Милонов.
Во времето на Владимир Путин, Кремљ ја усвои идеологијата заснована на конзервативно размислување и традиционални семејни вредности. Властите го прикажуваат ЛГБТ активизмот како нешто западно и непријателско кон Русија, а притисокот врз ЛГБТ заедницата е претставен како средство за одбрана на моралното ткиво на Русија.