Очајните жители на окупираниот украински град Олешки требаше да добијат храна и медицински материјали денеска и ќе им биде дозволено да заминат доколку сакаат, соопштија официјални лица од двете завојувани страни.
Операцијата за помош на Олешки беше овозможена со прекин на огнот посредуван од првата дама на САД, Меланија Трамп. Тоа е највпечатлив пример за соработка помеѓу двете страни, кои се во војна четири години и осум месеци и не престанаа да се борат на други места.
Руската комесарка за човекови права Јана Лантратова и нејзиниот украински колега Дмитро Лубинец застанаа еден до друг денеска за да ги информираат новинарите за мисијата.
„Помошта беше собрана врз основа на специфичните потреби што ни беа пријавени и вклучува храна, хигиенски производи, основни медицински материјали и гориво“, рече Лантратова.
Лубинец рече дека секој кој има потреба од помош, ќе ја добие, вклучително и оние кои сакаат да заминат.
„Постигнавме договор да им помогнеме на граѓаните кои сакаат да патуваат во Украина, ќе им се даде можност да го сторат тоа. Истото важи и за оние кои сакаат да одат во Руската Федерација“, рече тој.
Олешки, кој лежи на реката Днепар спроти градот Херсон, беше заземен од руските трупи во првите денови од инвазијата. Денес е во голема мера уништен и беше тешко поплавен по уништувањето на огромната брана Каховка во 2023.
Жителите раскажуваа како ги ризикувале своите животи патувајќи по минирани патишта само за да добијат храна и вода. Некои велат дека преживеале со чаша ориз или хељда дневно и дека јаделе диви растенија.
Локално примирје стапи во сила во Олешки и во херсонскиот регион рано во вторникот и трае повеќе од три дена.
„Ова е првпат од 2022 година да се воспостави примирје на толку голем дел од фронтовската линија и да се одржува толку долго“, рече Лубинец.
Пристигнувањето на конвојот со помош беше проследено со операции за деминирање оваа недела. Лантратова рече дека се обезбедени 25 автобуси за евакуација на луѓето и домашни миленици.



