Русија има собрано најмалку 70 отсто од воената моќ која најверојатно планира да ја распореди до средината на месецов за да му овозможи на претседателот Владимир Путин опција да нареди инвазија на Украина, велат американски функционери.
Функционерите, кои зборуваа за проценките за руските трупи и оружје под услов да останат анонимни, открија серија индикатори кои сугерираат дека Путин планира инвазија во наредните недели, но нагласуваат дека дипломатско решение останува можно.
Меѓу индикаторите е и вежба на руските стратешки нуклеарни сили која што вообичаено се одржува наесен, а овојпат е закажана за февруари и март. Тоа коинцидира со терминот за кој американските функционери сметаат дека е можен за инвазија.
Функционерите не велат дека потенцијалниот конфликт би вклучувал употреба на нуклеарно оружје, но руската вежба може да е порака до Западот да не интервенира во Украина.
Американските функционери сметаат дека руска инвазија релативно брзо би ги совладала украинските сили, но Москва би имала проблем со окупацијата и евентуалниот бунт на украинските граѓани.