Владимир Путин објави дека Русија ќе излезе од шестнеделниот карантин, иако денеска беше регистрирана најголема бројка новозаразени досега.
Во телевизиско обраќање, Путин кажа дека Русите од утре ќе можат да се вратат на работа, но од регионите ќе зависи со кое темпо ќе ги олеснуваат рестрикциите.
„Тоа ќе виде претпазливо излегување, чекор по чекор. Пред нас е долг и тежок процес“, изјави Путин.
Ова уследи откако Русија потврди нови 11.656 случаи на коронавирус, со што вкупната бројка порасна на 221.234 и само Шпанија и САД имаат повеќе. Ситуацијата е најкритична во Москва, која ќе остане во издвоен карантин до крајот на мај.
„Ова нека остане запаметено. Путин прогласи крај на националниот карантин на денот кога беше регистрирана рекордна бројка новозаразени“, кажа опозицискиот лидер Алексеј Навални.