Русија лаже дека повлекува трупи од границата со Украина и во изминатите денови распореди дополнителни 7.000 војници, тврди Белата куќа. Оттаму додаваат дека Русија би можела да инсценира провокација за да изврши инвазија на Украина во секој момент.
Во изминатите два дена, Москва објавуваше снимки од тенкови и друга воена опрема како заминуваат во своите бази по завршувањето на воени вежби, но САД и НАТО велат дека досега не добиле потврда за повлекувањето.
„Русија мора да преземе вистински чекори кон деескалација“, се согласија Џо Бајден и Олаф Шолц во вчерашниот телефонски разговор.
Русија постојано негира дека планира да ја нападне Украина, иако распореди повеќе од 130.000 војници покрај границата. Таа ги опиша грижите на западот како хистерија.
„Илјадници нови руски војници пристигнаа близу границата со Украина во изминатите денови, па така и вчера. Ние се сомневаме во тврдењата на Русија дека ги повлекува своите трупи. Тие привлекоа големо внимание низ светот со таквите тврдења, но ние знаеме дека тоа е лага“, изјави неименуван висок функционер од Белата куќа.
Слична изјава даде и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој досега не веруваше дека Русија може да нападне во секое време.
„Ние досега не сме виделе повлекување на руските трупи, само сме слушнале за тоа“, кажа тој.
И генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера изјави дека Русија не покажува знаци на деескалација.