РУСИЈА НЕ САКА МИР, КАЖА ГЕРМАНСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА ПИСТОРИУС, СОЈУЗНИЦИТЕ Ѝ ВЕТИЈА ПОМОШ НА УКРАИНА ОД 21 МИЛИЈАРДА ЕВРА

    РУСИЈА НЕ САКА МИР, КАЖА ГЕРМАНСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА ПИСТОРИУС, СОЈУЗНИЦИТЕ Ѝ ВЕТИЈА ПОМОШ НА УКРАИНА ОД 21 МИЛИЈАРДА ЕВРАНа средбата во Брисел се договараше идна воена помош за Украина (Фото: АП)

    Сојузниците ветија воена помош за Украина од 21 милијарда евра, објави британскиот министер за одбрана Џон Хили, кој беше еден од домаќините на денешната средба на 50 држави во седиштето на НАТО во Брисел. Главна тема на оваа средба беше натамошна воена помош за Украина, во услови кога Русија сѐ уште не е заинтересирана за мир, кажа германскиот министер за одбрана Борис Писториус.

    „Имајќи предвид дека Русија продолжува со агресијата врз Украина, мора да заклучиме дека мир не е на дофат во блиска иднина. Русија не треба да биде во илузија, Украина станува посилна и ние мора да се погрижиме за тоа. Украина може да смета на нас“, изјави Писториус.

    Тој кажа дека Германија оваа година ќе ја зголеми својата воена поддршка за Украина на три милијарди евра и ќе обезбеди повеќе од осум милијарди евра до 2029.

    Хили го обвини Владимир Путин дека ги отфрлил сите шанси за мир.

    „Путин го отфрли планот на Доналд Трамп за целосно примирје, продолжува со борбите и со бомбардирањата на цивилни цели и ги одложува преговорите. Ова е критичен момент и мора да ѝ испратиме порака на Украина дека сме со неа и во војна и во мир“, рече Хили.

    Велика Британија притоа вети помош од 4,5 милијарди фунти за Украина оваа година.

    Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров кажа дека Русија го зголемува производството на оружје и не покажува волја за склучување мировен договор, додавајќи дека САД остануваат главен партнер на Украина. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет се појави на средбата само преку видеоврска, исто како и Володимир Зеленски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира