Русија драстично ќе ги намали своите воени активности околу Киев и Чернигов, изјави заменик-министерот за одбрана Александер Фомин.
„Бидејќи преговорите за неутралниот и ненуклеарен статус на Украина и за безбедносните гаранции влегоа во практична фаза, Министерството за одбрана на Руската Федерација донесе одлука за драстично намалување на борбените активности околу Киев и Чернигов. Ова има за цел и да се зајакне заемната доверба и да се создадат неопходни услови за натамошни преговори“, изјави Фомин.
Западните извори во изминатите денови кажуваа дека руската офанзива кај Киев е во застој и дека руските сили дури биле потиснати од некои позиции.
Министерот за одбрана Сергеј Шојгу, пак, денеска изјави дека главната цел на Москва сега е ослободувањето на регионот Донбас, што сигнализира дека Русија полека ги ограничува своите цели откако се соочи со силен украински отпор во првиот месец од војната.
„Главната цел на првата фаза на операцијата е комплетирана. Борбениот потенцијал на украинските вооружени сили е значително намален, што ни овозможува да се фокусираме на постигнувањето на нашата главна цел – ослободувањето на Донбас“, изјави Шојгу.
Тој тврди дека украинските воздушни сили и противвоздушни системи се практично уништени и дека Русија сега го контролира небото.
Весникот „Фајненшл тајмс“ објави дека Кремљ веќе не бара денацификација и демилитаризација на Украина, што беа едни од главните оправдувања на Путин за почеток на инвазијата. Москва исто така нема да се противи на членството на Украина во Европската Унија, сè додека не влегува во воени сојузи, како НАТО.