РУСИЈА ОБЈАВИ ДЕКА ПОВЛЕКУВА ДЕЛ ОД ТРУПИТЕ ОД ГРАНИЦАТА СО УКРАИНА

    РУСИЈА ОБЈАВИ ДЕКА ПОВЛЕКУВА ДЕЛ ОД ТРУПИТЕ ОД ГРАНИЦАТА СО УКРАИНАРусија кажа дека продолжува со големи воени вежби низ земјата (Фото: АП)

    Русија објави дека дел од нејзините воени единици стационирани во близина на Украина почнаа да се враќаат во своите бази. Агенцијата „Интерфакс“ го цитираше руското министерство за одбрана дека големи воени вежби низ земјата ќе продолжат, но некои единици од јужните и западните области ги завршија вежбите и се враќаат во гарнизоните.

    Ова е спротивно на предупредувањата од САД и Велика Британија дека Русија би можела да ја нападне Украина во секој момент, на што се осврна и портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова.

    „15 февруари 2022 ќе влезе во историјата како ден кога пропаднала западната воена пропаганда. Тие се посрамени и уништени без испукан куршум“, изјави Захарова.

    Снимките што ги објави агенцијата РИА покажуваат како тенкови и други оклопни возила се товарат во железнички вагони. Министерството за одбрана кажа дека дел од опремата ќе биде преместена со камиони, додека некои војници сами ќе маршираат назад во базите.

    Русија постојано негираше дека планира да ја нападне Украина, иако во изминатите месеци распореди околу 130.000 војници покрај границата и почна воени вежби во Белорусија, кои ќе траат до 20 февруари.

    „Бројни вежби и тренинзи се спроведени како што беше планирано, но некои ќе продолжат и во нив учествуваат сите сектори на армијата“, кажа портпаролот на министерството за одбрана, Игор Конашенков.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира