Руските сили во текот на ноќта извршија голем напад врз Украина со десетици беспилотни летала, балистички и крстосувачки ракети, фокусирајќи се првенствено на енергетската инфраструктура во земјата. Официјалните украински претставници соопштија дека цел на ударите биле главниот град Киев и околниот регион, пристанишниот град Одеса на Црното Море, како и централните делови на државата.
Силни експлозии го потресоа Киев рано наутро во неделата, откако претходно беше издадено предупредување за можен напад со балистички ракети. Алармот за опасност се огласи околу 4 часот наутро со повик до граѓаните веднаш да побараат засолниште, по што набрзо се слушнале неколку последователни детонации. Властите информираа дека единиците за противвоздушна одбрана дејствувале против дронови откриени над поширокиот регион на главниот град. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека во нападот се повредени една жена и едно дете.
Истовремено, експлозии се регистрирани и во западниот град Лвив, каде што загина една полицајка, а најмалку 15 лица се повредени. Локалните власти овој напад го опишаа како терористички чин. Инцидентот во Лвив се случил откако полициска патрола одговорила на пријава за кражба во продавница во центарот на градот. Првата експлозија одекнала при пристигнувањето на полицајците, а веднаш потоа следувала и втора детонација. Градоначалникот на Лвив, Андриј Садови, преку социјалните мрежи изјави дека ова е дефинитивно чин на терор насочен кон градот.



